Младата македонска тенисерка Сара Митевска е новата надеж на македонскиот женски тенис. Таа изминатава година имаше неколку турнирски победи, а на некои од турнирите имаше и двоен успех (триумф во конкуренција на двојки). Успесите ја промовираа младата 15 годишната македонска тенисерка и во европски рамки особено што имаше забележителни настапи на неколку турнири. Сара „го оди“ својот тениски пат, трпеливо работи се подготвува за предизвиците што ја очекуваат, пред сè преминот и настапите во сениорска конкуренција.
Младата македонска тенисерка зборува како искусна тенисерка потенцирајќи дека работата на теренот и дисциплината се клучните фактори за тениски и спортски успех. Нешто за што сонуваат сите млади спортистки кои се на возраст на Сара. Таа веќе е активна и напорно работи и се подготвува за новите тениски предизвици во новата сезона.
Во продолжение следува интервјуто со Сара Митевска.
Зошто го избра тенисот како твој спорт?
-Со тенис започнав 4,5 – 5 години. Со семејството бевме во еден клуб бев застаната на мрежата и тогаш татко ми ја забележа мојата љубов кон тенисот и ми кажа ајде можеш да влезеш.

Што те привлече кај овој спорт?
-Ме привлече рекетот, на мали години ми беше многу интересен.
Како e еден ден на Сара со тренинзи?
-Во зависност како сум на училиште. Кога сум прва смена почнувам во 8.30 или 9 часот, околу 12 часот завршуваме. Потоа следува фитнес тренинг со Ивица и потоа во текот на денот уште еден тренинг.
Колку пати неделно тренираш кога не си на турнир?
-Тренирам секој ден и тоа меѓу 3-4 часа.
Што мислиш што е поважно талентот или дисциплината?
-За мене и двете, ама повеќе дисциплината. Имам многу предизвици. Оваа година кога играв на турнир во Теннис парк (Скопје) бев прва носителка и ми беше целта да го освојам турнирот и ми се отсвтвари тоа.
Како се справуваш со порази и кои се тешките моменти?
-Секогаш од пораз учам некоја лекција. Таму каде што сум погрешила го работиме на тренинг.
Кој најмногу ти помага во мотивацијата во пресрет на мечевите?
-Мајка ми, татко ми или сестра ми.
Чувствуваш ли дека си пример за другите девојки, пред сè оние помладите?
-Да. Можам да кажам дека се трудам најмногу. Сакам да ја постигнам целта.
Дали мислиш дека девојките ги имаат истите можности како момчињата во спортот?
-Не. Момчињата се физички подобри од нас.

Kои се твоите тениски планови – соништа?
-Најверојатно да освојам некој Грен слем турнир – Ролан Гарос.
Најомилен тенисер – тенисерка?
-Ако прашувате за сега Карлос Алкараз, Мира Андреева, Коко Гоф, а како идол Новак Ѓоковиќ.
Kаде се гледа Сара за пет години?
-Се надевам дека ќе постигнам резултат на меѓународно врвно ниво на ВТА ранг-листата.
Омилен удар?
-Дроп шот.
Омилена подлога?
-Земја.
Кој меч (турнир) нема никогаш да го заборавиш?
-Бев на турнир во Рим. Турнир од Супер категорија до 16 години на tennis Europe. Беше неверојатно чувство. Игравме заедно со тенисерите на турнирите на АТП 1000 и ВТА 1000. Тоа нема никогаш да го заборавам.
Колку траел твојот најдолг меч?
-Траеше меѓу 3,5 или 4 часа. Тука на терените на ТК Југ на теренот број 1 пред две години.
Порака за младите девојки?
-Најважно е да уживаат во тој процес што сакаат да го работат. Ако сакаат да постигнат врвно ниво да веруваат во себе и да се горди на тоа што го прават. Ќе надополнам дека за тенисот треба многу работа и дисциплина.

За следната 2026 година кои се твоите планови?
-Да учествувам на турнири од професионално ниво и да настапувам на јуниорските грен слем турнири и нормално да се изборам за некој ВТА поен.
цело видео од интервјуто со Сара може да го проследите на youtube линкот.
#АСзаЕднаквост#ЖениВоСпорт